Новости

СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА ГО ОБЈАВИЈА ДОБИТНИКОТ НА ПОЕТСКАТА НАГРАДА „МЛАДА СТРУГА“ ЗА 2024 ГОДИНА. ФИЛИПА САРА ПОПОВА Е ДОБИТНИЧКА НА НАГРАДАТА ЗА НЕЈЗИНАТА НЕОБЈАВЕНА СТИХОЗБИРКА „СКРШЕН ТЕРАРИУМ“

8 јули 2024

   Струшките вечери на поезијата го објавија добитникот на поетската награда „Млада Струга“ за 2024 година. Свечениот настан се одржа на 8 јули во 11:30 ч. во просториите на  Јуроп Хаус Струга. 

   За наградата одлучуваше жири комисија во состав: Славе Ѓорѓо Димоски, претседател, и Виолета Танчева-Златева и Андреј Ал-Асади – членови Претседателот на жири комисијата, истакнатиот поет Славе Ѓорѓо Димоски, во образложението на Одлуката за доделување на наградата истакна: 

   „Станува збор за извонредно надарена поетеса, полна со луцидни рефлексии и сензации за животот, времето и светот обликувани спрема потребата во потрага за смисла, но притоа самата е свесна дека и поетскиот говор сам по себе е потрага (по смисла). Ритамот на нејзиниот поетски говор одговара на ритамот на животот: отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време. Филипа Сара Попова не е само обичен забележувач на случувањата, туку има активен однос кон времето што го живееме. Време омеѓено, полно со граници и пречки за слободно растење и извишување. Но во тој „свет што се раѓа и распаѓа“ секој човек е еден мал свет, еден терариум во кој буи животот наспроти границата на стаклениот свод.“ 

   Филипа Сара Попова е добитничка на наградата за нејзината необјавена поетска стихозбирка „Скршен терариум“ 

   „Скршен терариум“ изобилува со асонанци, метонимии и речиси незабележлив, но исклучително важен ритам во пренесување на мотивот кој се проткајува низ целата стихозбирка и ја прави една компактна логичка целина. Филипа Сара Попова користи лесен и разигран јазик, иако полн со симболи, слики и логички корелации помеѓу нив. Од поетичка страна, Филипа Сара Попова го подражава драматичниот импулс на поетскиото битие и духот на современоста. 

   Филипа Сара Попова е родена во јануари 1998 година. Апсолвентка на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во 2022 година учествува на поетското читање Отскочна даска. Поезијата ѝ е објавена во антологиските збирки Рукописи 45 и Ново раѓање на зборот, како и на феминистичкиот портал Медуза и електронското списание Репер. Нејзини нефикциски текстови се објавени во студентските списанија In medias res и Мираж, како и на Репер и Окно.мк. Таа исто пишувала филмски рецензии кои се објавувани во електронското списание Гледај.мк и една во печатеното списание Портрет.

   Тодорче Тасевски, директорот на Струшките вечери на поезијата во своето обраќање истакна:

   „Од оваа година, младите поети добиваат уште една можност: возобновената поетска награда „Млада Струга“ којашто во минатото беше желно исчекувана од поетите од помладата генерација. Наградата се доделува за необјавена поетска стихозбирка од млад автор дебитант, кој покрај паричниот износ, ја добива можноста стихозбирката да биде објавена во рамки на изданијата на Фестивалот, но исто така и можноста за учество и негова промоција на Струшките вечери на поезијата. Особено ми е драго што оваа иницијатива беше препознаена и поддржана од Делегацијата на Европската Унија, која што преку Јуроп Хаус  Струга, најмладата членка на мрежата на Јуроп Хаус се покровители, како на наградата „Млада Струга“, така и на наградата „Енхалон“. Ова е уште една потврда за тоа дека се поддржува креативноста на младите поети кои го збогатуваат европскиот културен мозаик, но се поддржуваат и Струшките вечери на поезијата како светски признат и познат Фестивал.“

   Конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ за  2024 година беше распишан на 9 мај и беше отворен заклучно со 14 јуни.  Наградата „Mлада Струга“ се доделува за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант, на возраст од 18 до 30 години. Оваа година наградата „Млада Струга беше возобновена преку соработка на Струшките вечери на поезијата со Делегацијата на ЕУ којашто од оваа година ќе биде покровител на наградите ЕНХАЛОН и МЛАДА СТРУГА преку Јуроп Хаус-Струга (Europe House-Struga), најновата членка на мрежата на Јуроп Хаус (Europe House).

   Oсвен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на Фестивалот во чија програма е предвиден портрет на добитникот на наградата.