Песни

Грев

Дај Боже, мигот на гревот

да нема пријатели.

Составен да е тој од страв,

а заветот на молчење да му е

јанѕа постара од говорот.

 

Гревот има разнобојни очи:

ги менува според

нијансите на седефот;

миголка ко јагула,

лази брзо ко чкрапја.

 

И така, натемаго, шарен,

знае да замае чистост,

да забае во своја корист

и да испогани туѓа душа –

да исуши лист на здрава вејка.

 

Полни лејка со борч,

цица од горчлива дојка,

се гои ко густа магла

и сѐ што ќе допре,

го дели со непарна бројка.

 

Дај Боже, мигот на гревот

да не го допре онега

кој спуштил сидро на познат брег

и си ја грее доблеста

крај домашно огниште.