Песни

КАМЧЕТО ОД ВАРДАР

Одамна 

Пред да се испокараме

За тапиите на нивјено

Во Вруток

Растопен снег

Силно избиваше од Шара

Од планината 

Водата донесе и 

Со себе понесе мало камче 

Имаше  аманет испишан на него 

Требаше да се однесе до средното море

И да се вгради во светилникот на цивилизациите

Знајни и незнајни од Александра до денес

И водата достојно си ја изврши задачата

Некаде силно и бујно

Некаде кроце и раскошно

Ама секаде со истата достојност 

Врвеше без престан низ алките

Од градови што беа нанижани

Како прстени на каносани 

Невестински раце

Од изворот па сé до утоката  кај Беаз Куле

Низ тсни корита, природни и 

Човечки препреки

Ја покажуваше истата упорност

Врвеа сезони

Години

Векови и епохи

Секоја нова генерација

Втиснуваше нова 

А сепак нам позната ни порака

На камчињата од Вардар 

И ќе продолжи 

Ова примопредавање 

Сé додека врне снег 

На планините во Полог