Минато неопределено време
Животот е сѐ што се случува
помеѓу утре и вчера.
Баба ми со големите тенџериња вода
што со лакотот ја отвора,
а со коленото ја затвора вратата,
да не се оладат одајата, лебот, надежта.
Дедо ми склопчен ко бебе врз креветот
по ден долг како година низ неродните полиња
среде жегите што му ја мрзнат крвта.
Вујко ми што на црниот велосипед
го пренесува куферчето со историски изми
врз кои му цртав заводливи девојки
за да ги заврши што поскоро студиите.
Едната тетка со три смени во фабриката „Иднина“
брусејќи ги часовите на нормата
со подочници како филџанчињата
што ми ги купи за да си играм сама,
другата заитана со ќеси врз старите чизми
среде скопските зими кон фабриката „Газела“
си го мери стечајот на телото со расипан патент,
а стечајот на душата со скинато ремче.
Мајка ми на машината за чукање ги архивира
сосе автомобилските гуми и моите песнички,
а врз подвозникот на влезот во градот
некој додал не во натписот
дека нејзината „Авто гума“ ни посакува добредојде.
Татко ми со лицето залепено до стаклото
во фабричкиот автобус, небаре во сиротилиште
го пцуе животот пуст да остане,
а и со оаза пустината пак си е пустина.
Сестра ми со жолтица во белките
го блуе лекот од тревки што сосетката
ми го тутна в раце кога се вратив од училиштето
преполно со луѓе поплавени од реката
со 980 кубни метри во секунда.
Јас ги полевам цвеќињата на балконот,
им ги бришам лисјата на лимонот и фикусот
шепкајќи им одлучно „Еднаш ќе заминам одовде“.
Сега нивниот живот е нулта растојание
од денес до денес. Не сум му повеќе сведок,
а ни тој мене.
Кога дознавам дека некој умрел
прашувам што му се случило.
Во мое присуство ништо повеќе не им се случува
на другите,
во мое отсуство им се случува сѐ.
И најобичното сегашно време
за мене е сега само минато неопределено.