ОВА СЕ НОВИ ГРАДОВИ, А ВО НИВ НЕМА ТАКСИ
Меѓу гробовите ги бараме нашите
загубени домови. Она што се крие позади
спомениците/гробниците е нашиот нов пејзаж.
Во дупките ги закопавме телата на ближните,
а не можевме, не сакавме да го оставиме
отчукувањето на нивниот аманет.
„Не оди си!“, „Измиј ја плочата да ми се згреат коските
од сонцето…“, „Зарем ќе оставиш свеќите ветрот да ги
изгасне?!“, „Сликата нема да ја погледнеш?!“.
Розмаринот со коренот ровари во душата,
а никогаш мислите не можеле да имаат
посилна арома. Оставете ги буквите на епитафот,
убави се
кога бледнеат од сонцето.
„Скриените пластични цвеќиња кои
ми ги подаруваш само ми кажуваат дека наскоро
нема да ме посетиш – фрли ги!“
Живееме со алтер егото на оние кои заминале,
а присутни се, сеприсутни во бидувањето.
И така секоја недела ги миеме рацете од
гробната чешма поставена централно во зоната на
мртви луѓе кои живеат меѓу духовните проекции
на живите. Ова се нови градови, а во нив нема такси.

