Песни

Огниште на песната

Огништето на песната се сторило студена зандана
од заборав. Да, зборовите му се боринки на огнот,
но мувлата што ги јавнала по неколку зими и лета
не му носат храна ни за крцкав залак, а камоли за обед
през кој ќе се точат сочни здравици во дрочни пехари.

Клетви и крикови се лачат од него, ечат во неол воздух
во кој ни птиците немаат прелет, од прелеста ништо –
се збрчкала ко болникава пролет со снеможен крвоток,
крволок ја пие што вие лит опаш и граба со ’рѓосани заби
сѐ што има смисла, кисла ѝ се сторило златното руно.

Огништето на песната говори со тие што врз морни плеќи
мачно носат тешки надгробни споменици од мрамор,
а ние немаме доволно здив ни за скудно ‘благодарам’,
за да им ухнеме малку верба во нивните стивнати пера
и да ја напудиме тагата и тишината од бледите им ореоли.

Стоиш пред него, гласно ги призиваш добрите духови
на зборот и ладните пламени што мавтаат со нежни крилја
на царски пеперуги заталкани отаде студените ѕвезди.