Орлова Песна
Облечен во природата на дрвото,
се одморам во сопствената сенка.
Моето јас од вода
тече по карпи
со други јаства
во мазно единство.
Штом небото ми се наоблачи
ја облекувам природата на громот,
го празнам товарот на мојата моќ
и си ги полевам земните јаства.
Потоа се разведрувам, носам долго, бело перје
од еден до друг крај на хоризонтот
и ги опкружувам сопствените синори,
ги заокружувам небесните рабови.