Песни

ПАТУВАЊЕТО НА ТАТКО МИ НИЗ ЕСЕНСКАТА ПЕСНА

чекорите на татко ми низ есенската ноќ со пурпурната селена што фрла светлина на
патеката
го поттикнуваат разговорот со тишината на шумата
и се разбираат добро меѓусебно татко и тишината
татко иако има едно носталгично прашање за есента
не ја кажува
не ја поматува тишината
туку седнат на коренот на дабот го пишува прашањето на лисјата на молкот
глаголите расфрлени натаму-наваму во реченицата го подбуцнуваат татко да се исправи
се движи тој
а сувите лисја се будат и прават џез муѕика под уморните нозе на старецот
потоа дува малку еол
благите звукови на свежиот ветер кога ги милуваат лисјата
и излегувањето на сцена на трогателните придавки
се всушност одговор на есента за татко која шепоти
ви избега зеленото лето
ви избега зеленото лето
птиците наредени уплашено како зборовите на демостен пред атињаните
кога филип влегуваше во полисот со своите војници
ја бараат добрата надеж оставајќи ги зад себе боите на есента
потоа свежите звукови на сувите лисја крцкаат
стануваат укор за ситните шумски суштества
за пајаците што ја произведуваат најдобрата свила
за мушичките змиите невестулките и куните
за некој зелен гуштер што не престанува трчајќи низ тревата по некој инсект
и за желките кои ја демонстрираат сериозноста кога се движат
и се разбира и за питомите срни што го разубавуваат пејсажот на шумата кога го загрева месечината
за сите жители на зеленилото што се успокоени во царството на сонот
се крева узбуна и се множат повиците на ларите
внимание
иако татко ми го простира убавиот сон во оваа магична шума како и секогаш
светот на шумата го има својот ред и го слуша
само искуството облечено со стотина бои што ги фрла месечината
кога минува над шумските патеки
без да го разликува татко ми од невнимателниот минувач кој ужива газејќи пеперутки
но татко ми се движи неуморно низ овој есенски предел кој ја држи будна самотијата
но со сето внимание негово некоја мравка страда од неговата нога
пропаѓајќи во суровата дарвинова борба за едно невидливо аголче на топлина
се редат потоа низ главата на татко глаголите натоварени со тага
за илјада песни на дабовината што исчезнуваат
потоа татко ми повторно седнува на коренот на дабот
наспроти една веверичка што скока од слика на слика
тогаш пејсажот ја отвора страницата на нејзината волшебност
во светлината на оваа приказна се појавуваат буковки и смрчини рујници
како чадорчиња на самовили
наредени низ патеките каде минува татко ми а и дијана
и излегуваат на виделина сликите на шумата
а татко ми го продолжува патот зашто времето се скратува
се раздвижуваат илјадници гласови од страв
кога воздивнува тој од товарот на патувањето
ова во шумата се смета како труба на фаун
татко ги соблекува чевлите тогаш и ѝ се предава на хармонијата на шумата
а времето тече
носејќи го руменото утро
врапчињата на гранчињата на грмушките и меѓу долгите тревки со ситни семки
го прекинуваат сонот
и започнуваат хорска песна
и заедно со инсектите ја отвораат книгата по музика
со ноти кои од семастичката корпа на тој свет
ја претставуваат убавината на буковките
на илјадници и илјадници буковки што ја украсуваат шумата
и сето тоа ќе биде непишана поезија на сапфо што требало да биде химна
за волшебноста на рујниците
и трњето
меѓу кои минува бос
тивко
мојот добар татко
чувствувајќи како брзо лета есента
со прегратка лековити тревки и шумски цвеќиња
и кои потоа ги чува нимфа во хербариумот од папирус
што подоцна ќе објаснува за тајните на есента и шумата
како дневник напишан на албански

преведено од:
Џабир АХМЕТИ