Песни

Песна за новиот континент

Сите знаат дека го има
Некаде Новиот Континент.
Го исцртуваат на картите, по глобусите
Но тој одново и одново исчезнува од нив.
Го откриваат на секои сто години,
Секој век си има свој Колумбо.
Податоците за него
Ги впишуваат во енциклопедиите
Но при печатењето, на нивното место
се појавува белина.
Морепловци и научници
Упорно пребаруваат
Убедени дека под белината
Се кријат остатоците
На идеалната држава
Од која се протерани поетите
Уште пред да бидат родени.
Долго и упорно
Го бараат Новиот Континент.
Забораваат дека на светот
Сè уште му е потребна
Поезијата.