Погледнеш ли во ѕвездите
Погледнеш ли во ќилимот од ѕвезди
што се постила врз ноќниот разбој
го гледаш сето минато на вселената.
Окото на смртникот не може да најде сон
вон загработ на овие привлечни далечини
за кои мисли дека им се оставени во аманет
на некои други, неродени поколенија
кои ќе сакаат и ќе можат да го поместат
показалецот од врвот на својата планина
до некој нов оган што ќе им се чини познат –
но всушност ќе папсува и ќе ги тера да мислат
дека имињата на нивните предци,
небаре јато прегладнети врапци,
се нанижани врз јадриот лик на изгревот,
а тие, кутрите, гинат во прогон
што не може да се нарече смрт туку – сургун,
продолжено, бесконечно талкање и страдање.
Погледнеш ли во рогозината од ѕвезди
го гледаш сето минато на својот род.

