Песни

ПОЛОВИНА ВЕК ПОТОА

Повторно сум сега петгодишно дете

што го преживеа земјотресот.

Од куќата што се нишаше

татко ми на раце ме изнесе

и ме однесе до градскиот парк

за таму да се засолниме.

 

Повторно сум сега петгодишно дете

што во сиот метеж заталкува љубопитно

кон кафезите на мајмуните 

од циркусот што тогаш гостуваше 

спокојно распослан во паркот 

зад споменикот на Гоце Делчев.

 

Повторно сум сега педесет и петгодишно дете

што потсвесно посакува, за да се оддолжи,

за последен пат на раце да го однесе 

до градскиот парк својот петгодишен 

И на самрт татко –

за таму, заедно, да се сеќаваме.

                                                        Скопје, октомври 2013