Потаму од пролетта
Кога си помисли дека стоиш сам на прагот
од пролетта, низ вратата радосно излета
цело јато стари приказни и пред да разлиста
ко дебела книга, дрвото брзо-брзо ти ги покажа
гнездата на птиците – чиниш дрочни дојки
на млади доилки – во кои би тие малку да закрепнат
по долгите зимски ноќи кога ги исцедиле сите
случки, спомени и воздишки од претходното лето,
за потоа пак да ги повие во нови зелени тајни.
Тогаш ти иде и ти да зготвиш нешто сочно
за да си ја потхраниш малку скипнатата надеж
и да го израдуваш небесното огледало со ново лице.
Гледаш, и крилјата на преселбите земаат замав,
празните амбари веќе сонуваат за нови жетви,
а испиените буриња заборав – за нови гроздобери,
оти летото што иде е единствена храна за гладните,
а есента по него е таа што ќе ни претскаже дали
ќе мрзнеме на врвот од мранѕулец или сити и среќни
на шикла ситно оро ќе заиграме.

