ПРАШАЊА
Кој ги вади големите камења од реката
и ги оплакува под месечината?
Кој ја присилува ноќта да се откаже од своите ѕвезди?
Кој ѝ упатува телефонски повици
на наполно глувата планина?
Кој ја пушта проѕирната кочија
да шета по површината на езерото?
Кој ги бере сребрените плодови
во црните овоштарници?
Зошто се чуваат првите знаци на пролетта
по прашливите музеи?
Зошто во часовниците
Времето се меле во толку ситна прав?
Кој ја подготвил претставата
на чиј што крај читателите на поезија
ќе бидат истерани засекогаш од библиотеките?
Но кој ги поставува овие прашања?
Зошто токму јас треба на нив да одговорам?
И што ќе стане со мене
ако одговорите не бидат наполно точни?