Песни

Првата книга Мојсеева

И да ја отфрлиме темата за Битието

Под претпоставка дека е банална

И низ болниот крик на раѓањето

Да го чуеме она што го сакаме:

 

Нема песна без земја и небо

И без земја и небо нема дрво

И плод нема без земја и небо

Како што земја и небо нема без нас

Задоцнети доселеници

Во исцелителната градина на гревот,

Ние го носиме гревот на првите луѓе

Оти во песната

што само Он ја пишува

Во талогот од Еденски соништа

Остана прелагата змиска.

 

Сега сите сме 

Едно тело

Мазно тело

Извиено тело

Околу дрвото на познанието.

 

Во арената пред нас

Каин и Авел

Плачат.