ПРЕПОВТОРУВАЊЕ НА ВОЛШЕБНОТО
Ги преповторувам детските приказни,
коишто ми го направија животот поднослив, ме извлекоа од очајот
како од бунар, пиеја од мене,
ме напојуваа со совети:
ако читаш приказни, ќе сонуваш приказни, ако сонуваш приказни,
ќе живееш во приказна.
Новороденчиња
пишуваа мудрости, за да ме уплашат, со страшни приспивни песнички
ме тешеа.
Не ме допираа, ако не се плашев,
очекуваа да измолкнам како крадец
малечка добрина од своите џебови, чашата на нивната дарба да ја помилувам,
од аголот на нивните усни да испијам капка справедливост.
Долго бев припитомувач на ѕверови,
додека ѕверот во мене дремеше, растеше, ‘ржеше.
И еден ден ме изеде,
бидејќи се почувствува запоставен, разбра дека сум присвоена
од други бездни гнев,
прекршена од нередактирани животи.
Сега решавам поетски ребуси, преуредувам, коригирам, илустрирам
туѓи чувства,
подарувам наслови што се помнат
и симболи.
А тие ме пречкртуваат
и брзаат нагоре, и не се обѕрнуваат.
Ме ограбуваат, зашто тоа ми се допаѓа. Штом сум бесконечна,
има уште многу да се зема.
Ако поверувам дека е така – спасена сум. И почнува обратното броење,
и се враќам по другата стрмнина одново во истото.
Очекувањето –
поголемо од пристигнувањето.
преведено од:
Бранко Цветкоски