ПРОЧИДА И ИСКИЈА
Стасавме на Прочида со бротче
во квечерина, и неколкумина се симнаа,
но нашата цел беше Искија.
Промрморив на твојот јазик
дека ова не беше нашиот остров,
но останав маѓепсана од низата куќички
со боја на олеандри и на кајсии,
со спокојни полумесечинки на балконите.
Пловевме понатаму и беше ноќ кога стасавме.
На Искија останавме една недела,
крај замокот oд поштенските марки
што го лижат црни и зелени бранови.
Живеевме во очекување на фотографиите
што ги сликавме дома. Не сакаше да се вратиш.
За тебе Искија засекогаш остана среќниот остров.
А јас го сакав копното
за да направам живот од островот.
Ти, штом стапна на копно, веднаш побрза пак да тргнеш.
И еве ме, по толку години на Прочида,
спроти Искија, среќниот остров.
Тука ги пружав и ги собирав алиштата.
На Прочида брановите се мои,
како и косите: ги чешлам,
ги превртувам и размислувам при нивното плакнење.
Јадам од рибите, собирам лимони,
ја посматрам во огледало
и Искија ми се чини далечна.
А сепак, кога наеднаш ќе ја видам целосно сета,
со облаците кои надвиснале над неа,
собрани на купче налик на мрежите,
си мислам дека е ова твојот начин
да се сториш жив, да ја исцрташ во воздухот конечноста.
Те помешав со копното, а ти беше море.
Беше лажен пристан на еден опасен кеј.
Сега ја гледам Искија,
бидејќи Прочида ме научи на контемплација.
преведено од:
Анастасија Ѓурчинова