.рециклирано тримесечје. звук на олеснување.
[деновите во кои се судруваме, но како кадри од погрешни филмови
се оттуѓуваме, се одминуваме]
ги фрламе времињата како да немаат значење.
оставаме на дождот секојдневно да ги мие
паушалните гревови,а ние продолжуваме
да си играме –ти прв почна!
овие ноќи се топлат во последните огништа.
пролетен паганизам и неопластичните нерви,
– стари дневници и мирис на непознати приказни.
под уличните борови се слуша шушкањето на ветрот,
како од ребрата на воздухот да посакаш да ја извадиш
коскената срж.
заинтересираноста ни е екслузивна.
вниманието – шокантно.
желбата да промениме нешто – дај побрзај!
ги фрламе надежите во лавиринтот на очајот,
а потоа квичиме како бели глувци кои заглавиле во јадот.
како најубави животни плачеме да ни го откорнат крзното,
иако чувствуваме како ни ја дерат кожата – милиметар по милиметар.
се будиме утредента со кафето кое не теши дека најдоле во шолјата
некој ни подметнал отров, за денот да ни биде пократок,
а онаму каде што ќе заминеме да не пречекаат со торта.
:инвестираме во погрешни воздишки;
сите сме „но“ во погрешен театар!
губиме од она што и така малку го имаме,
од она за кое немаме доволно мудрост
често да го купуваме.
:време, трпение, погледи, топлини и насмевки;
константни п(р)ојавности
рајски, вонземски сладости.
замка е обидотда затвориш врата
која никогаш претходно не си ја отворил.
сите ние ситни души, прашинки изгубени во космосот.
сонуваме за волшебните градини на големите градинари,
но никако да си ја ископаме сопствената бразда.
далеку сме од тоа да произведуваме храна,
а веќе на цвеќе мислиме.
пропуштаме автобуси и
дупло поскапо плаќаме такси,
забораваме телефони под седиштата,
дозволуваме некој да ни ги изеде соништата.
на крај добиваме телесна температура,
внатрешен херпес на душата
и некоја мравја дупка во слабоста
која,
повторно некогаш ќе ни ја загади радоста.