Светот што се распаѓа
треба да се завитка во болнички чаршаф
и на носилка да се пренесе во одделот за палијативна нега
каде што е предвидено преживување најмногу до шест месеци,
достоинствено и спокојно умирање со контролирана болка.
Прозорецот е отворен, собата е само за еден,
пев на гугутки во градината, јоргован на масичката.
Како во кујна на ресторан, над вратата на собата пишува
„Насмевка“ и сите што му доаѓаат во посета
се насмевнати до уши, а никому не му е до смеа
и претпочитаат рударско „Среќно!“ пред јамата на смртта.
Мирис на амонијак и јод, на лушпи од мандарини и банани,
на радио вечерни вести за новите војни и финансиски кризи
што не го засегаат повеќе. А тоа го боли. Во крајчето на свеста
знае: ни убавината не го спаси, а и поетите залудно
сакаа да го сменат. И одеднаш сеќава меѓу коските и кожата
љубовен повтеж: да може барем уште еднаш да се љуби со слободата
која му мавта од врата: „Спиј, ќе наминам кога ќе можам“.
Светот што се распаѓа треба да се остави
во хосписот каде што ангелите на животот немаат намера
ниту да ја забрзаат, ниту да му ја одложат смртта.