ТОПИЛНИЦА НА БОЛКАТА
Позади планината секое заоѓање на сонцето
со себе ги носи атомите на будноста.
Космички вибрации и малку свежо ежење
на мислите. Се препотува мозокот од процесирање
на пропуштени спомени. Резовите страдање
ги интензивираат бледите сеќавања на медарките.
Транспортирање на слајдовите пропуштен живот.
Со заборавена солза под очните капаци
и рацете блиску до срцето го чуваме
животот под дланките. Вгнездена е таму
целата топлина на сонот. Долга е
линијата што ја испишува маката,
тежок е врзопот од пропаднати надежи
што човек го носи обесен на вратот.
п.с. сè уште немам видено дервиш
да се врти на улица за пари.

