Песни

Лилјаци

Лилјаците се со боја на ноќта;

само движењето ги разликува од неа.

Наопаку го мирисаат светот кога спијат,

 

а кога полетуваат, божем ноќна вода

да истекува по свој нишан, самата од себе –

и да се разлева со моќен, ноќен жубор.

 

Цивкаат, чиниш чеканчиња на калајџии

ѕингараат по црната небесна тепсија. Слепи –

со песната сал го гледаат светот кој, ене го,

 

кружи стежнат од карпести согласки

околу вечниот оган што не ги допира.

Ништо не им го сопира летот под месечината:

 

првкаат, кршкаат ваму-таму и мислиш чинки се

што лесно се провираат низ ушето од тенка игла

за во ѓердан да ги нанижат часовите на ноќта –

 

божем црни бисери невидливи за окото на денот.