Песни

СЕМЕЕН ПОРТРЕТ

Според една црно-бела  фотографија од Музејот на фотографијата во Париз

Таткото го нема

 

Веројатно не сака

никогаш да го сликаат

(а можеби е засолнет

зад фотоапаратот)

 

Ни мајката ја нема

 

Веројатно ѝ здодеало

да се слика без сопругот

(а можеби е во кујната

или пред огледалото)

 

Ни децата ги нема

 

Веројатно синот е 

во војска или е домазет

а можеби ќерката е

замината јабана

 

Ни дедото го нема

 

(Веројатно веќе одамна

заминал од овој свет)

 

Можеби  затоа бабата

го држи стариот семеен портрет

како што мајките држат бебе 

или децата кукла.