ОЗБОРУВАЊА
Тој е стар вулкан што куца,
тој има љубовници-кобили.
Тој е остров на кој има седум луди диригенти,
тој е подморница-коњоштип.
Тој е геолошки слој полн изгубени клучеви,
тој е пожарникар-паликуќа.
Тој е дрво што напролет лета над морето,
тој е глувонем космонаут.
Тој е продавач на ненаселиви планети,
тој другарува со правосмукалка-мравојад.
Тој е скротител на диви огледала,
тој на компјутерите им ги подведува женските броеви.
Тој води кртови на прошетка низ рудници,
тој е плашило вљубено во молњата.
Тој има в џеб пеколна машина
темпирана за по три века; тој е поет.