Песни

НАД ЛАВИРИНТ СОНЦЕ

(сонот на Минотаурот)

Над сите наши лавиринти сепак има сонце – се тешев во сонот во кој талкав
по долги мемливи ходници од некои подземни болници. Се слушаа капки од
инфузии и приспивни сказни за јунаци кои со секири убиваат чудовишта.
По ходниците се расплетуваа клопчиња од стари расплетени џемпери.
По празните кавги мирот се враќа ко кос на врба – рече една остарена
сестра на која за час-два ù завршуваше смената.
Во сонот ме успиваа со тореадорска крпа натопена во некоја течност со
одвратен мирис кој базди до месечината. Сите наоколу изгледаа претерано
напнати, пред тешкиот зафат во кој требаше да го остранат човекот од бикот, или
бикот од човекот, сеедно.
Во подземната болница, која некој би ја нарекол скривница, повремено се
одекнуваа пригушени детонации. Пак бомбардираат, прошепоти еден пациент до
пола завиткан во завој. Еден од докторите крчкаше греено вино. Еден друг бараше
рентгентски снимки на кои со фломастер било нацртано каде треба да се сече за
да се разделат конечно ѕверот од човекот.
По сите наши утки месечината редовно го погодува небото – рече една
сестра на која ù замеруваа дека подала погрешен скалпер.
Сонцето џабе изгрева и заоѓа кога во лавиринтот се осветлуваме со свеќи –
помисли бикот во мене, кој со недели немаше вкусено трева.
Конечно ќе живеам без рогови – сонуваше човекот во мене, кој со години го
немаше видено сонцето.