Mажот што сркаше манџа
на влезот на трауматологија
куварот со сета сила ја стега повредената рака
шефот го донел на шиење
од прсти до лакт цел во крв
јас и мајка ми
две генерации
две домаќинки
почнавме да си ги раскажуваме
историите на најстрашните кујнски посекотини
вели некогаш
си го исекла прстот
го отсекла
рамно го скратила
комплет со сѐ нокт и месо
го стиснала прстот и изјурила од кујната
сакала да го викне татко ми
и кога застанала кај кујнската врата
се смрзнала
или се откажала
се исплашила дека татко ми
ќе испаничи
накриво ќе го залепи фластерот
се исплашила да види
дека ни тоа
нема да може да го направи
се исплашила
дека ќе ѝ вика
ќе ја обвинува
ќе рече
пак правиш глупости
сигурно ќе рече
за ништо не те бива
само за бељи
по дваесет години
многу добро знаела
што ќе каже
се исплашила дека стварно ќе го слушне
како ги изговара тие работи
и просто си се вратила во кујната
исцицала крв колку што можела
испозамотала салфети
крвта да не
капне на говедското
со другата рака
на брзина ја доспремила манџата
крвавата рака ја сокрила позади грб
а со другата рака
му ја подала манџата
на татко ми кој гледал телевизија
татко ми не се ни свртел
и дури тогаш
здивнала
вели
ова беше пред дваесет години
и до ден денес
татко ти не знае
дека си го отсеков врвот на прстот
хахаха се смее
и не знам
каде се загуби
тоа врвче прст
татко ми
го замислувам
како мљацка
сркајќи ја манџата
зазјапан во телевизорот
додека во устата става
парче месо

