Песни

Дивите коњи на Галичица

„Нашата слобода е тиранин
а ние, зависни од дивината
(и во крвта, и во духот)
ѝ се покоруваме везден.
Јуриме по сртот стамен
над којшто се налактило едно вишно небо
налик на страсно моме
над горостас маж.
Ездиме без седло, без оглав, без почин
небаре опседнати,
место не нè држи
сон не нè фаќа.
Нашето деноноќие не знае
што е точно време, што доцнење
просторот нè маѓепсува
имаме очи на риби
со поглед на две езера,
едното бело, другото црно
не ни е дадено да избереме
да се скрасиме.
Ние, крдо нескротени мажјаци, кобили, ждребиња,
сите на два ума, дума невидима
дом домиме, утеха во питома дивина бараме
Папсани од слобода
— саможиви јуродиви гриви –
заробени од убавината како од уплав
бегаме од сопствената сенка
дивееме, крикаме, врискаме, тропотиме
сè така бегаме, а сè сме тука
сè, само да не се припитомиме
се париме во страв
и раѓаме со страв
и љубовта ни е соочување со стравот
тремор и трема во тремот на малата смрт.
Оддалеку гледај нè
Кротителу, покажи ни го
питомото лице на слободата
дај ни малку љубов
— оти каде понатаму
со овој вишок слобода
не знаеме!“