ТРИ ПРАШАЊА
(и неколку дилеми)
Во аголот од едно големо платно
Гоген поставил три куси прашања
кои бараат подолги одговори:
Од кај доаѓаме?
Кои сме ние?
Каде одиме?
На сликата има дванаесет жени
(во различна возраст) и сите белким
имаат инакви одговори:
бебето уште памети од кај дошло
момите сигурно имаат 1001 одговор
а старицата насетува каде кинисала.
Но на платното има и неколку
животни (кои никој баш за
ништо не ги прашува).
Па зошто сликарот
меѓу жените ги насадил
песот, мачињата и птиците?
Можеби не се само за украс?
Дали се таму за да се види
дека се во истата каша со нас?
Или тие веќе имаат одговори
на сите три испитни прашања
па затоа мудро си молчат?
