Поети

Андреј Медиќ Лазаревски

Северна Македонија

Биографија

Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Дипломирал на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет и студира на Катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, Дата песнопој) и „Молитвени дискурси“ (2022, 2023 – 2. изменето и дополнето издание, ПНВ Публикации).

Тој е основач на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, организатор е на книжевните настани „Поетска епизода“ и „Клинци“, главен фестивалски координатор е на „Филозофскиот филмски фестивал“, член е на извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал, дел е од тимот на кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали (Стих у регији, Струшки вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово, Скопски поетски фестивал, АртАреа…). Негови песни се застапени во домашната периодика и преведени се на српски јазик за книжевните списанија „Блудни стих“ и „Рукописи“, на хрватски за списанието „Поезија“ на Хрватското друштво на писатели и на англиски јазик за “Selection from A new birth of the word (an Anthology of Macedonian Young Poetry)“, издание на Струшките вечери на поезијата. Негови песни се застапени во антологиите „Македонска љубовна лирика“ (прир. Весна Мојсова-Чешишевска и Иван Антоновски, Матица македонска, 2024), „Ново раѓање на зборот: антологија на млада македонска поезија“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, ПНВ Публикации, 2023) и „Музика, сега и уште“ (прир. Владимир Мартиновски, Струшки вечери на поезијата, 2022).