Никола Маџиров
Македонија
Биографија
Никола Маџиров (поет, есеист, преведувач) е роден 1973 година во Струмица. За поезијата од книгата „Преместен камен“ ја добива меѓународната поетска награда „Хуберт Бурда“, како и наградата „Браќа Миладинови“ на Струшките вечери на поезијата. Меѓу останатите награди се и „Студентски збор” за дебитантска книга на Македонија (1999), наградата „Ацо Караманов“ (1999), „Xu Zhimo Silver Leaf” наградата за европска поезија на Кингс Колеџ во Кембриџ (2016), главната награда на Меѓународниот фестивал за поезија „Орфеј“ во Пловдив (2019), како и Пекиншката награда на уметничката независна мрежа во Кина за современа светска поезија (2021). Неговата поезија е преведена на четириесетина јазици. Корисник е на неколку меѓународни стипендии, меѓу кои и International Writing Program на Универзитетот на Ајова во САД, ДААД во Берлин, Маргарит Јурсенар во Франција и др. Негови стихови и есеи се објавувани и во лондонски Тајмс (TLS), германските Ди Цајт и Тагешпигел, швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг (NZZ), а за поезијата на Маџиров позитивно се изјасниле и британскиот радио сервис БиБиСи, германскиот неделник Дер Шпигел, шпанскиот дневен весник Ел Паис, американското списание World Literature Today и др. Врз основа на стиховите на Никола Маџиров музика компонираa соработникот на Бјорк и Лу Рид, американскиот џез композитор Оливер Лејк, италијанскиот композитор на класична музика Анџело Инглезе, македонскиот џез пијанист Гордан Спасовски, како и Мајкл Лиг од Snarky Puppy, заедно со Бека Стивенс. Никола Маџиров е координатор на меѓународната поетска мрежа „Лириклајн“ и уредник во „Стремеж“. Во негов превод се објавени дваесетина книги, приредувач е на неколку прегледи на македонската современа поезија објавени во странски списанија. Живее во Струмица.

