Лауреат - 2014
Ко Ун
Јужна Кореа
Биографија
Поет – монах до 1962, Нихилистички поет до 1972. Поет дисидент до 80тите, но после едноставно, само поет, врвен поет, водечки поет, до денес. Се разбира, единствено иднината е таа која ќе му го додели местото меѓу најголемите. Тој веќе ја носи титулата „ Национален поет на Кореја“. Но сепак, „она што е највосхитувачко во ракописите на овој поет“– потенцира Американскиот поет лауреат Роберт Хас – „ е како тој се реосмислува себе си во секоја декада од неговиот живот. Повеќето од песните кои ги пишува во најраниот период , од 1952 до 1962, додека беше монах подвигнат на екстремна зен пракса, сакаат да ја прикажат јаловата и менлива природа на животот. Во поезијата доминира болеста, психичките нарушувања, смртта, вградени во стихот со суптилна естетика и симболика. Поетот трага по смислата и преокупиран е со необјасливата кулминација на животот во услови на смрт. Стихови кои истовремено носат будистичка длабочина и човечка агонија. Во периодот од 1962 до 1972, новина во неговото творештво се чувството на природност и спонтаност. Во овој период неговиот поглед кон нештата е темен и нихилистички, полн со очај и себеотфрлање. Не е за изненадување што овој период кулминираше со речиси успешен обид за самоубиство. Во годините на социјалните немири, помеѓу 1973 и 1983, со самото интензивирање на продемократското движење, поетиката на Ко Ун добиваше нова трансформација. Таа почна да ја одразува трагичната димензија на Корејската историја, која е длабоко вградена во поетовото чувство за мизерните околности во кои се наоѓа корејскиот народ во дваесетитот век. После годините во затвор, од 1983, Ко Ун станува многу продуктивен, ќе напише многу поетски збирки, меѓу кои и неколкутомните „Десет илјади животи„ и „Планината Паекту“. Овие дела се последица на случувањата поврзани со Движењето за демократија во мај 1980, кога стотици граѓани беа убиени од корејската војска, како и поетовото апсење, затворање и соочување со смртта. Уште во воениот затовр тој отпочнува серија на наративни вињети наречени Десет илјади животи, книга која сеуште се развива, во која поетот ја претставува секоја личност која што ја запознал. „Планината Паекту“ претставува неколкутомно епско дело во кое авторот го прикажува Корејската борба за независност за време на јапонската окупација. Од тогаш поетот издава преку 40 книги. Критиката овој феномен го нарекува „голема поетска експлозија„ . Во фокусот на критиката е јазикот во двете епски книги, кого го нарекуваат „јазикот на ослободувањето“ – непосреден, но лавински силен, народски, но чист, смирен, а крцкав, сликовит и експресивен. . За „Десет илјади животи“ Роберт Хас ќе рече дека тоа е „еден од најнеобичните проекти во светската книжевност на дваесетитот век“. Подоцна за Вашингтон Пост ќе каже дека „овие песни се исклучително богати. Анегдотични, заводливи, полни со детали од човечките животи, неспоредливи со ниедна Корејска поетика што сум ја сретнал до сега.“ Огромното чувство за историја и љубовта кон својот народ и земјата го создадоа најголемиот сон на Ко Ун, да ја види обединета Кореја. Овој сон се провејува и во неговата поезија од седумдестите години. Тој ја посетува Северна Кореја и го придружува претседателот Ким на историскиот самит за обединување, и како резултат од овие посети, излегува збирката поезија „Југ и Север“ (2000). Покрај што го изразува силниот стремеж за мир во својата земја, поезијата создадена во деведесетите години, повикува на обединет и отворен свет на хармонија, слобода и љубов, свет во кој секое битие ќе живее во прегратка на сомилост. Умот на Ко Ун е секогаш во состојба на спремност, и тој признава дека има нешта за кои треба да пишува уште токлу колку што досега напишал. Во поговорот на книгата „Планината морски дијамант“ за својата креативна природа Ко Ун ќе запише: „Ако некој го отвори мојот гроб после неколку години од мојата смрт, тој ќе биде полн, но не со моите коски, туку со песните напишани во таа гробна темнина…Дали сум многу приврзан за мојата поезија? Моите песни стојат рамо до рамо со чинот на предавање на стиховите, мојата приврзаност за поезијата е поврзано со моето ослободување преку неа.“ Тој сака целиот свој живот , дури и својата смрт, гроб, да ги трансформира во поезија, додека во истовреме одбива да остане заробен во стегите да се пишува поезија како причина сама за себе.