Владан Кречковиќ
Србија
Биографија
Владан Кречковиќ е роден во Белград, 1988 година. Дипломирал Новинарство и комуникологија на Факултетот за политички науки на Белградскиот Универзитет. Неговата поезија е објавувана во неколку книжевни списанија: „Градина“, „Кораци“, „Буктиња“ и веб порталите „Астронаут“, „Стране“ и „Афирматор“. Париз, Тексас е неговата прва поетска книга. Покрај поезија, тој пишува проза, а неговиот краток расказ Исчезнатите беше дел од 41. издание на Ракописи – зборник на проза и поезија од млади автори од земјите на поранешна Југославија.
Неговата дебитантска збирка Париз, Тексас, за која ја добива наградата е во издание на Енклава. Во рецензијата за збирката се вели:
“Веќе од самиот наслов на првата збирка песни на Владан Кречковиќ, Париз, Тексас е назначено на кој начин би требало да се читаат песните што се пред нас. Алудирајќи, пред сѐ, на култниот филмски класик на Вим Вендерс, но и на филмот Чанкинг Експрес на ништо помалку култниот Вонг Кар- Ваи, што говорат за тоа колку животот може да биде безволен и без смисла по прекинот на емотивните врски, Владан Кречковиќ на мошне суптилен и непретенциозен начин ја раскажува приказната за разделбите обидувајќи се преку патувањата, гледањето на семејните фотографии, наоѓањето соговорник во странецот што оставил коменар на Youtube, преку непрестајното сеќавање и преиспитување, да најде потпорна точка од која неговиот живот може да продолжи со вообичаениот тек. Оваа книга нуди поинаква перспектива на романтичната загуба без грам патетика и претставува исчекор во просторот на новата чувствителност.”