Анеке Брасинга, Холандија - „Златен венец“ 2026 – Порака до Струшките вечери на поезијата

Голема чест и големо изненадување е за мене што Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата ми го додели Златниот венец за 2026 година. Длабоко сум трогната од ова високо признание, уште повеќе што сум првата холандска поетеса на која ѝ е доделена оваа награда. Тоа ми дава чувство како со овој венец да е одликувана целата холандска поезија – и од минатото и од сегашноста.

 Во рамките на Европа, холандскиот јазик природно зафаќа релативно ограничено подрачје. Поради тоа, низ вековите во холандската култура се преведувале многу големи поети и писатели од други култури: Данте, Вергилиј, Хомер, Шекспир, Чехов. Како мал јазик, отсекогаш сме се хранеле од она што ни го носел поширокиот свет. Таквата плодна размена на јазици и култури, на некој начин, отсекогаш била извор на слобода. Таа космополитска слобода ја среќаваме кај мислители како Еразмо и Спиноза, како и кај поети како Херман Гортер и Лусеберт.

 За мене, како поет и како преведувач, често ми се чини како да сум пораснала во кошница во која пчелите цел ден носат мед од далечни места и времиња, со полиглотско зуење во внатрешноста на мојот сопствен јазик –  плод од делата на писатели од „other voices, other rooms“, како што пишува Труман Капоти. И како поетските фестивали, како Струшките вечери на поезијата или Poetry International во Ротердам, никогаш навистина да не завршуваат, туку како да продолжуваат и пред и по деновите на фестивалот на поезијата.

 За мене поезијата е место каде што сите различни јазици, како што рече Валтер Бенјамин, учествуваат во едно симболично, метафорично пресоздавање или повторно откривање на еден единствен јазик – јазикот изгубен во Вавилон. Тоа е метафора, како што и поезијата сама по себе е метафора, заемно и внатрешно разбирање што се протега подалеку од непосредната рационалност, од вербалната размена, убедувањето или заповедта, стремејќи се кон сочувство, разбирање и почит кон нашите внатрешни и надворешни борби.

 Во ова време од историјата на човештвото, секој знак и секој израз на човечката совест и свест, искажани во универзалниот јазик на поезијата, претставуваат вистинско богатство. Искрено сум благодарна што ќе учествувам на прочуениот меѓународен Струшки фестивал и се надевам дека Златниот венец ќе го носам со достоинство. Особено ме исполнува со радост и благодарност сознанието дека дел од мојата поезија се преведува и ќе биде објавена на македонски јазик.

 И, конечно, ќе ми биде големо задоволство во Охрид да го посетам споменикот и музејот посветени на писателот А. ден Долард. Тој живеел во едно село недалеку од моето родно место, во шумите на Велуве во источна Холандија. Токму тој на холандските читатели им го откри прекрасниот свет на Македонија, а јас уште од детството бев една од тие читатели.

 

               Анеке Брасинга