Песни

Аутопсија

Каков е овој смртоносен отров што го разјадува најдоброто 

во нас, та остава само лушпа?

Ингмар Бергман

можеби беше острото око

на птицата на сонот

што нè гледаше;

можеби беше сиов овој јад

што ги преминува границите

на државите што живеат 

во крастата на нашата кожа;

можеби беше вештата скица

на нуклеарната абулија

што нè полни со умор

зад кората од нас; 

можеби бевме Јас и Ти,

ние што го сетивме ништавилото

и од него направивме погано дрво

во рајот што ни го гледаше падот; 

можеби беше кружното движење

што го бришам во валканиот воздух

кога се фрлам во твојата бездна;

можеби беа забите на таа пукнатина

што нè кани, зината, кон крајот

што од одамна го знаеме;

можеби беше гнасната пот на светот,

структуралната наркоза, 

васкуларната анестезија,

божествениот дремеж;

можеби беше желудочната Празнина

од овој тажен бог

што веќе некое време

се досадува

и исплакува урнатини.