Песни

БАЛЧИК, ОХРИД, ТРШИЌ

дожд сонце, сонце дожд, три блескави

сини падини четири површини оградена

вода, стотина чекори околу камената 

чешма на збиениот плоштад, Азиз го чита

 

арапскиот натпис и вели дека рокот на употреба е

неограничен, дека сенката под мостот е

најсјајна и најчиста, како и агенцијата 

Бела за препродавање недвижности, косиот покрив

 

потемнет од дождот ги повторува и ги следи

административните витли, распоредот на

кртиот базен, исушениот бршлен

онаму на горниот кат од недалечната куќа,

 

уредно исчешланата брада на свети Климент,

со левата рака го придржува јазолот на пелерината

и спокојно мижурка во обновениот син

полумрак, одоздола на фреската на гравитацијата

 

ме гледаш ли? вперени копја и римски колонади

ги придржуваат бесконечните залези во Варна,

набиени земјанки под типските куќички во 

дворот попрскан со вода, темен како и

 

шумата над седумте преносни слапа

покрај патот, клупата во ќошот трепери во квадратот

на прозорот, се стврднува на сонцето како и плочата

заѕидана на фасадата од црквата, врежани имиња

 

наглас го повторуваат и го следат пелтечењето

на темната купола, езерото и локвата, морето

и потокот, езерото и локвата, морето и потокот

преведено од:
Ѓоко Здравески