ПАК ЛИ ЗА НАС НЕМА МЕСТО?
Претесна е светската палуба
за да нѐ збере сите.
Некои ќе треба да останат на пристаништето
со торбулињата нарамени
со набрзина собраните пљачки
најнеопходни за покривање на голотијата.
Ќе си останат со прстот во устата
и со болка во душата
дека секогаш и во сѐ се последни
иако први пристигнуваат.
Ќе ги истуркаат и сега лево-десно
како ѓубре под замавите
на големата светска метла
за да си направат пат
оние на кои им се полага да се качат.
И еве го бродот тргнува:
развревени патници
разврескани деца
растропани чинии
свежозовриено кафе
понекое шише шампањ
од бес џитнато во океанот.
Недостојните уште се чудат
оставени на брегот –
дали да мавтаат за збогум
или да пцујат од униженост?