Песни

До Бога

Боже семоќен, можеш да ми бидеш украден.
Не те љубам и исто така не го љубам зборот,
ниту телото што е станато, цврсто измесено и добро задушено
мелено месо на убавата поезија. Сè што за вистина се смета
и сака да биде обожувано, ќе го оспорувам
додека јазикот не ми пресуши. Зашто јас сум поетеса,
затворам дупки и пукнатини, ковам прегради
против громот на судбината, заковувам клинци
каде што твојот гром се заканува и го проколнувам лизгавото влечкање
на отровната змија што ти ја праќаш, о Боже.
Ќе стојам таму, лице в лице
кога твоето мрачно огледало ќе се скрши; но како Давид
со својот камен. Додека можам ќе си го чувам
срцето, нестабилната тврдина на провалијата што ти
толку чудесно ја создаваш — со ударите на твојата рака.
Го разграничувам светот, се бранам од надмоќ
и разбојничка жед: ти постојано им ги грабаш милите животи
на оние што ги љубам и со кои ми е дадено да го споделам
лудилото на разделбата што ти ни ја даваш да ја вкусиме
уште во првиот бакнеж — твојата смрт, твојата пепел, твојата саѓа.

преведено од:
Превод од холандски: Ели Пујовска