ИСКОНСКА НОЌ
Прва е ноќта
онаа исконската
во која доаѓа етеричниот облик на божицата
за да се огледа во водите
Нејзината аморфна маса
која долетува од сферите
почнува да игра со брановите
да скока врз нив, да ги прескокнува
И глеј, она што прво го добива божицата
се нозете со кои упорно
го танцува првобитниот танц
Никој не ја гледа
никој не може да ја види
оти сѐ уште не се родиле
ниту сонцето ниту месечината
ниту пак живиот свет
Само таа полека го добива својот телесен изглед
Додека игра толку силно
Толку бргу
Што го засилува водовртежот
И одеднаш го создава ветерот
Кој го добива својот етеричен облик
Водите се бескрајни
Ноќта е вечна
Студот постојан
Ниту огнило
Ниту светило
За да се згрее божицата
Таа самата е жив оган
Ветерот е оној што ја разладува
Што ја разгалува
Таа потпаѓа под неговите милувања
Се извива
И одеднаш од нејзината љубов
Се создава огнената змија
Таа не престанува да игра
Не сака да згасне нејзиниот оган
Ниту нејзината страст
Само огнената змија
е сведок на нејзиниот раздивен танц
кој ја гори танчарката
со својот поглед
ѝ дава сила
ѝ дава крила
за да го продолжи исконскиот танц
и да го снесе
космичкото јајце.

