Сузана В. Спасовска
Македонија
Биографија
Сузана В. Спасовска е родена 1972 во Ротердам, Холандија. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Објавила 8 стихозбирки – И љубов и заговор, Смртно писмо, Божествена жена, Низ темјанот еден лилјан, Пеперутка од пепел, Јазикот на светлината, Кадуцеј и лира и Првата ноќ и вториот рај. Пеперутка од пепел била во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП, а за Јазикот на светлината ја добила наградата „Антев златник“ на меѓународната манифестација „Антево перо“, додека книгата Кадуцеј и лира била во најтесен избор за наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Во 2002 во Софија излегол избор од нејзината поезија на бугарски јазик Огледала, сбогом. Во 2006 година ја приредила антологијата на поезија од млади македонски автори Пурпурни извори во издание на Струшките вечери на поезијата. Нејзини песни се преведувани на англиски, италијански, полски, украински, бугарски и други јазици. Ги објавила и книгите за македонскиот слободен стих Слободата на стихот, критики за македонската литература На врв од острицата, како и студија за орфизмот и поезијата Враќањето на Орфеј – орфејска и орфичка поезија. Главен уредник е на електронското списание за литература и други уметности „Блесок“. Од 2019 година е член на Друштвото на писателите на Македонија. Работи како професионален лектор и професор на Универзитетот Американ колеџ – Скопје. Пишува и објавува книжевнотеориски текстови за македонската литература.

