Песни

НЕКАКВО СРЦЕ

Нешто чука овде. Некакво поместување. Некакво срце
што растекува како смола. Дури и така темно.

Вресокот те брише во самракот. Изгаснатите ламби
течат понатаму во новиот мрак.

Нештата и луѓето на улицата очигледно стареат,
секундите згуснуваат: јасно се гледа тоа
одблиску во темната стаклена лупа.

Во исто време кога темниот мраз на отворените лизгалишта во себе
наполно се заглавува, веќе и неповратно се топи.

Вртоглаво долгите празни осветлени возови без запирање
свират во пресрет на ноќта, продираат од површината на градот во
подземјето.

А кој е тој, скоро без очни капаци и непоколебливо како жив,
што стои понатаму во смекнатиот воздух на пероните,
со очите вперени не знаеш каде?

преведено од:
Звонко Танески