ПАЛЕЦОТ НА ЦЕЗАР
Напуштајќи ја моќната ретроспектива на нашиот миленик Цезар
кај Картие, без двоумење ни се обрати една вознемирена
ситна старичка: Неверојатно, невидено! Ама
можете ли да ми кажете зошто сите тие позлатени автомобили и
сите тие прекрасни големи, брзи елегантни светкави и огледални нешта
сè уште се толку страшно з б и е н и, постојано стегнати со палецот,
целосно и бучно ги притиска и ги втиснува севезден во себе,
наполно, освен
напукнатиот лим, претворен во отпад во некаков шок од
тешката несреќа? Не знам,
нема да можам ни да заспијам ноќва поради сето тоа!
И ние бевме длабоко погодени од тоа (се сеќаваш).
Заговорнички ѝ се насмевнавме и молкум ги кренавме рамената
како маж и жена кои штотуку го преживеале сето тоа среќно.
Денес можеби би рекол дека сите тие громовни и забавени,
непопуштачко здрвувачки згуснувања на Цезар, сите тие ненадејни
запирања на сјајот и брзината предизвикана од силниот удар, сета
таа безмилосна пресувачка сила на натчовечкото з б и в а њ е
и втерувањето на сè во себе не потекнува можеби ни толку
од огништето на татнежот и од деловите на секундите
на бруталните автомобилски несреќи,
туку попрво некаде од длабоката тишина во нас. И сè уште спие (во витрините)
длабоко во древните мали, кревки, совршено мазни
Семејни статуетки, кои водени и контролирани од некаква непопустлива
растечка центрипеталност на своето интернализирање,
се з б и в а а т самите, пропаѓајќи некаде сосема во внатрешноста
од сопствената насладувачка затегната тајна.
Во ноќта на денот спиеме. Напнатоста расте.
Палецот на Цезар покажува нагоре.
преведено од:
Звонко Танески