Песни

Почнуваме

Ние живееме во зачеток.

Нашите погледи засекогаш патуваат кон исток.

Засекогаш тргнуваат,
одново,
кон новото водени
и постојано новородени.

Во зениците имаме светлина со боја на крв
и секој наш чекор е прв.

Ние имаме почетничка среќа
и правиме почетнички грешки.
Метаморфозите не ни се тешки.
Нашиот дом е местото каде што се бакнуваат двете оски
и имаме срцевина, наместо коски.

Наутро, ја гледаме зората на времето,
а навечер, го слушаме големиот звук
на создавањето на просторот.
Нам ни ја доверија бесконечноста
и крајот мораме да го убиеме.

Ние никогаш не спиеме
за денот никогаш да не може да заврши.
Нашите неба постојано крвават,
но никогаш не умираат,
нашите сонца умеат само да изгреваат,
а нашите реки умеат само да извираат.

Раѓањето е нашиот бог,
што секој ден нѐ создава од почеток
и ние секој ден од почеток
учиме во него да веруваме.
Ние вечноста ја ветуваме
наместо да чекаме,
ние очекуваме.

Ние сме одредот против крајот
и бесмртната револуција,
ние сме сјајот
на невозможната резолуција.
Пееме едноставна молитва,
ние сме хорот
што го знае Зборот
што беше на почетокот.

Ние сме Антисмрт.

Ние бескрајот го чуваме
и почнуваме.