ПРЕД
Пред волот да ти згази на јазик, кажи го тоа што е; како бројниот зелениш во оваа градина се ведне, чудесно. Кога врне, треба да си со него, да чезнееш со петте сетила, премногу свесна. Но душата ти é; твојата душа, што откако тебе те зачува за тебе за некое време, си се насели тука, па сега лунѕа по градината; невидливо зелена. * Пред трн магарешки да ти се закачи за усна, изговори глагол; белото цвеќе што го засади копнее од љубов по самракот; а самиот самрак се чини е вљубен во сопственото име. Часот кога нештата ти се доближуваат колку што кураж ги носи, допирајќи ти ги усните со свои именки. * Пред сончевиот сач, месечевата лач, тебе сеедно ти се, што друго да се рече? езерското сонце и езерската луна се дурска и молска музика ко светлина, а зборовите скромни, срамежливи, гувеат настрана; лилјаци првкаат над кожата од водата. * Пред камен да ти ја затне устата, опиши како ова вечерно небо бавно ги прозева ѕвездите; а бојата се повлекува, радост во обратен смер; помудра. * Пред жолтеникавиот, со ѕвонца накитен воздух, да не може да се дише, чуе, види, да каже време; миг што сам по тебе посега отаде полињата; трепти виното во твојата чаша. * Пред мовта да ја прочита браиловата азбука на твоите љубовни средби, пополни го меѓу-просторот на тирето; поврзувајќи го ништото пред, со ништото што чека. * Пред дуријата да зарине во латинскиот мрак, дозволи дрвото-свештеник да ја чуе твојата свадбена заклетва, кога веќе си на колена. * Пред Бог вечно да не е, кажи си молитва; признај ја нивната нежна човечка моќ. * Пред палец да ти мироса чело, кажи го тоа што порано сакаше да го кажеш. * Пред пред волот да ти згази на јазик. * * *
преведено од:
Зоран Анчевски