Лауреат - 2021
Керол Ен Дафи
Шкотска
Биографија
Керол Ен Дафи (родена во Глазгов, 1955 год, во семејство со ирски корени) се вбројува меѓу најпознатите поетски имиња во Велика Британија. Покрај тоа што е високо вреднувана и ценета во академските кругови, таа е омилена и кај пошироката публика. Важен детал, во прилог на тоа е констатацијата дека нејзината поезија е веќе вклучена како задолжителна лектира во националните курикулуми на универзитетите, но и на училиштата.
Уште со првата, провокативно насловена книга “Standing Female Nude” (Стоејќи, жена, гола) (објавена во средината на 80-тите години), Керол Ен Дафи успеа да стекне широк круг читатели, но и неспорна поддршка од книжевната критика, што во неа инстантно препозна „расен, нов глас во поезијата“. Почнувајќи од таа дебитантска книга натаму, речиси секоја од следните поетски објави на Дафи беше наградена со најзначајните национални и меѓународни признанија (вклучително, престижната награда „Т.С. Елиот“, што таа ја добива за збирката Вознесение (2005) , како прва жена во историјата на доделување на оваа награда, потем, наградите „Дилан Томас“, „Сомерсет Мом“, „Харолд Пинтер“ и други), што убедливо сведочи за недвосмислената репутација на нејзината поезија во редовите на пребирливата критичка јавност.
За првпат во 400 години долгата традиција на ова признание, во 2009 год, Дафи беше избрана и како жена Poet Laureat на Обединетото кралство.
Автор е на близу 50 книги, од кои најнови се: Искреност (2019), Панаѓур на студот (2019)
Освен што е добитничка на значајни меѓународни книжевни награди, Керол Ен Дафи е носител на високи одликувања од кои највисокото е почесната титула „Дама-заповедник на Редот на Британската Империја“, што го добива во 2015 г.