Песни

Среќен Крај

Што правиме ние тука, не се ни прашуваме,
додека ритамот на мелодиите се слуша од звучниците;
во дрвјата виснати невидливи, додека мислиме дека
тоа се птици што ѕвонливо пеат —
што правиме тука? Најнапред да провериме
дали нозете ни се доволно топли
и не премногу болни,
потоа внимателно да го слушнеме
лесното кркорење во длабочината на нашата утроба,
на старата гатачка што ни кажува
дали повторно умираме од глад или од жед,
зашто инаку не би знаеле,
а не смее сè во ова „тука“, да се распадне,
во песокливото, во шумливата расеаност
каде што киосците со лимонада, еден по друг
се покажуваат како миражи баш кога задишан
мислиш дека конечно си стигнал во ова „тука“,
во сегашноста низ која чекориш,
не можејќи да се воздржиш а назад да не се свртиш
кон местото од кое доаѓаш, додека постојано се тетеравиш,
од грубата дабова кора и од ’рѓосаната или крваво црвена
бодликава жица — од остатоците на цивилизацијата се гребеш.
И колку почесто назад се вртиш, уморно влечејќи се кон
прекрасниот изгрев што мирно стои зад тебе над далечната
шума, што тивко шумоли, толку подобро знаеш: дека будењето

со лимонова свежина, тој рајски прв залак од тропско
изненадување
во обвивка од млечно чоколадо — таа блескава свежина
нема да се врати. Што правиме тука? Она што не го правиме
е да внимаваме. Како бездната да е невидлива,
или ја нема сè додека не паднеш во неа
и покрај мазниот каменен ѕид за миг
не се струполиш.
Во тревата крај потокот на дното
Бог чека, радосен како мајка
што цело време дома останала,
со чинивче кикиритки и шери во чаша.
И зад расцутените дрвја, конечно —
доаѓаат тие, што ти недостасувале,
за кои си бил незаменлив,
без кои си бил најранлив.

преведено од:
Превод од холандски: Ели Пујовска