Песни

Ужас без крај (обична песна)

Затоа што безграничното го натрупаа со граници 

Затоа што и на јагулите патот не им е прооден к’о што беше 

Затоа што и штрковите се мислат дали да се вратат дома  

Затоа што ни небото е сино, ни земјата – плодна 

Затоа што слободата стана само пуста желба      

Затоа што цела држава ни е депонија, гасна комора, прав и пепел  

Затоа што луѓето станаа нелуѓе, градот – преполн зомби 

 

Затоа што децата немаат детство, не веруваат во иднина 

Многу скролаат, малку зборат, едвај раскажуваат   

 

Затоа што младите станаа монети за раскусурување 

евтина стока, бело робје, жртви на разноразни трговии 

 

Затоа што кладилници никнат на секој агол 

со закон заштитени, а библиотеките 

училиштата и градинките се распаѓаат 

 

Затоа што по патиштата се гине секојдневно 

небаре сме во војна 

 

Затоа што пожолтена е сликата на светот 

жолт печат, грозни вести 

 

Затоа што вистината не вреди ни пет пари 

а лагата е преценета  

 

Затоа што сè е на распродажба, и минатото, и сегашноста 

а иднината и онака не постои, освен како мислена именка 

и предизборна кампања. 

 

4.12.2023