*
Да, господине, вие сте мртов
но, не сфаќајте го тоа толку сериозно.
Ќе можете да дишете и понатаму
да земате здив преку брановите
и да го испуштате кога ќе надоаѓаат кон брегот
сте забележале, сигурно одамна
дека градите ви се креваа и се спуштаа како морињата
полни со планктони и бодликави ежови.
Може и да шепнете нешто, секако
кога ќе задува меѓу бамбусовите дрвја
или да се насмеете
во раката на детето што првпат допира снег.
Ќе може повторно да копнеете
во солената капка што се лизга
по грбот на девојката што спие.
Ќе може дури и да влезете во некое тело
не грижете се:
сите го имаат обликот
на вашата самотија.
Ќе можете и да трепкате
овој пат преку птиците
можеби тоа не го знаевте:
една птица ги ширеше крилјата
секогаш кога ги отворавте очите
и ги спушташе надолу
штом ќе ги затворевте
ќе го правите речиси истото
само, овој пат, драг господине
вистински ќе полетате.

