Песни

*

Тоа можеш да го забележиш само оддалеку
дека и времето пишува со лева рака.
Kрстозборите ги решава бавно,
секогаш хоризонтално
вертикалните загатки ги препушта
на вкрстувањата и на прецизната испреплетеност.
Понекогаш ѕирка во решенијата од минатиот број
и некои квадратчиња намерно ги остава празни
за да му остави на светот прозорци,
временски дупки
и да се увери дека дождот со векови ја следи
зададената линија на движење
дека планините отсекогаш наликувале на гради
на некој што се преправа дека е мртов
и дека ништо не е променето
ни начинот на кој ги гаснеме ситните пламени
со плунка на прстите, безмалку изгорени.