Песни

ЗА КУЈНИТЕ

Дали машината за перење е само часовник со проблеми во однесувањето?
Дали пеглата е котва што има киселини и мака со варењето?
Дали радиото е духот на татко ми?
Дали мачката е мојот некогашен отров во костим на пантер?
Дали дождот е милион реинкарнирани вилински коњчиња или е само дожд?
Дали мојот живот е изговор за тоа што не сум мртов?

Кујната е одаја за дебата,
измислена во размер од Европа.
Денес се ракував со еден комарец.
Машината за перење си го придвижува механичкото око.

Мислев дека кујната е оперативен систем.
Кул и функционален како Мек.
Еден ден запира,
и се префрламе на новата верзија.

Златната мачка од Кина сè уште му мавта на сонцето.
Чинијата со овошје станува сè потешка и секоја слива има различен вкус.
Последните англиски печурки се смалуваат врз тавчето
како животниот циклус на жабата, но наопаку.
Што ли ќе помисли за нас кујнава кога ќе нè нема?
Ќе успори како прекриен селски пат,
како домашен филм снимен во осумдесеттите.
Некоја мува ќе договора координати, восхитена од своето слетување на месечината.

Ова може да ни биде последната нуклеарна зима.
Септември си го подигнува знамето преку крилјата на пеперугите.
Долги експозитури долж светлосни авении.
Ги оставаме духовите на другата страна од стаклото.
Синоќа, каснаа од сè што имаше:
од бројачот за јајца, од лопатката, од вагата за брашно.
Направија духовни торти
и ги излапаа со по една чаша Доместос.

Три Божици влегуват во мојата кујна секоја вечер.
Првата е Мајката на „Авантгараж“.
Другата е Мајката на „Дримпоп“
А пак третата доаѓа со опсидијанско крило
врз своите очи.
Таа е Мајката на „Шугејзинг“.
Некои луѓе слушаат крило од Боинг во фрижидерот,
но тоа е само Музиката на Мајките:
капењето на чешмата,
филтерот за вода во аквариумот,
прекривката од лисја врз свиокот.
Кујната е Берлин во седумдесеттите,
Лондон за време на „Поетските војни“
И Ливерпул за време на битничкото трајно заладување.

Кујните се поврзани навечер преку контролата на воздушен сообраќај.
Тие минуваат низ временските зони дури ние спиеме.

преведено од:
Горјан Костовски