Колос
За да пишуваш како никој пред тебе,
треба најнапред да го впиеш
сето напишано, сета мисла
што од Адам наваму минала низ светот.
Само така може да се роди нешто ненадминливо
што ќе го надживее својот творец.
Само напред, знам дека можеш:
доволно понизен да останеш
пред сè што е веќе кажано,
без да скратиш ниту знак,
од алеф до последниот здив на зборот.
И ако некаде, некогаш,
ја исчиташ целата темнина и светлина,
ќе станеш поголем,
пострашен од сопствениот облик –
сенка невидена, што фрла молња
над сè што допрва ќе биде кажано.
Превод од холандски: Ели Пујовска

