Да не се повтори: толку многу зло не е за добро
Времињата се менуваат, не секогаш на подобро.
Некогаш се раѓале пророци, денес лажни профети.
Некогаш јунаци, денес кукавици.
Некогаш имало моќни кралства
Денес немоќни протекторати, гнили банани.
Некогаш светот се ширел, денес се стеснува.
И небото мечтае по слобода.
Времињата се менуваат, со нив и мапите.
Едни се архивираат, други се бришат
или пак се допишуваат нови врз старите.
Мапа во мапа, сè додека не се заборави вистината.
Времињата се менуваат, војните повеќе немаат црвени линии.
Реки невина крв течат на сите страни.
Наместо жртвени јариња има жртвени народи
Има данок во крв и нечиста крв
Има озаконети злосторства и празни ветувања
Има премногу од тоа што не треба да има.
Времињата се менуваат, насилството е сè понасилно
Се рушат цели градови како куќи од песок и солзи
Се кршат луѓе како јајца стиснати во кошница
Се касапат деца небаре се диви свињи
Кај што имало големи цивилизации
сега има смачкани племиња!
Времињата се менуваат, а крволочноста ликува.
Кога умните молчат, злото зборува.
Природата е уморна од неприродна смрт
Пеколот е сит од пеколни сцени!
Има ли маж, жена има ли, да го згасне огнот
Да нема освета, да нема ропство, да нема егзодус
да нема војни – ни граѓански, ни верски, никакви!
Секоја војна е залудна и кобна на свој начин
И сите губат, и победата е пораз
И толку зло не е на арно, толку зло никаде не води
никаде, каде и да е тоа.