Песни

МОЈАТА ПЕСНА СЕ ФРЛА ОД МОСТОТ

Наутро 

мојата песна ја убива смислата. 

Со нејзината крв 

ја бојам карпата црвено

и ја измислувам слободата.

Мојата песна се фрла од мостот,

и изјавува љубов на водата,

патува кон катодата   

и склопува брак помеѓу машината

и природата.

 

Мојата песна одлучува 

дали лета или паѓа 

 

а, јас се раѓам 

од нивната дива љубов, 

 

јас сум она што се случува, 

го создавам сопствениот лик 

низ стакло, темно,

кое не е свето, ниту земно,

моето вечно е истовремено 

небесно и подземно,

јас не сум меѓу нас, 

ниту меѓу нив, 

мојот мир е експлозив,

мојот гнев е беззаб,

чекорам на работ на свет

кој нема раб, 

 

одам по жица,

 

мојата жар-птица 

е бессона,

бесмртна.

ноќна,

немоќна,

 

мојата песна е семоќна.